ЕБРД ја намали проекцијата за порастот на домашниот БДП од 3,2 на 2,1 отсто

Лондон, 4 ноември, 2016 – 9:53 (META) 
ebrd

Европската банка за реконструкција и за развој (ЕБРД) ја намали прогнозата за Македонија за порастот на домашниот бруто-производ (БДП) на 2,1 отсто од 3,2 проценти проектирани во мај, што е резултат на влијанието на политичката криза во државата.

„Во 2016 година голема е веројатноста да има значителен пад на БДП на 2,1 отсто, но веројатно ќе се врати на 3 проценти во 2017 година кога ќе се продолжи со инвестициите и со стабилната потрошувачка“, се вели во последниот регионален извештајот на ЕБРД за економски просперитет на државите.

Во мај банката прогнозираше дека порастот на БДП на земјава ќе се движи од 3,2 до 3,5 процнети.

Во извештајот, исто така, се вели дека на 11 декември ќе се одржат избори кои ќе влијаат на завршување на политичката криза, која, како што се наведува, трае од јануари 2015 година.

Вчера и Народната банка во своите октомвриски макроекономски проекции излезе со предвидување за пораст на БДП на 2,3 проценти.