Заев: Само со фер избори новата влада ќе има легитимитет

Македонија на следните избори мора да добие влада со полн легитимитет, а тоа е можно само на фер избори, порача во понеделник вечер претседателот на СДСМ Зоран Заев, на средбата со Михаел Рот, државен министер во МНР на Р.Германија.

Image
„Само така ќе се овозможи нормализација на институциите и стабилност на Република Македонија“, потенцираше Заев.

Двајцата, како што соопштуваат од СДСМ, заеднички констатирале дека за излез од политичката криза и за иднината на Македонија се неопходни фер и регуларни избори, за што круцијална улога има исполнувањето на двата услова од пржинскиот Договор, прочистен Избирачки список и регулација на медиумите.

„Државната изборна комисија како независна институција чијашто обврска е Избирачкиот список треба да ги соопшти роковите за прочистување на списокот во којшто мора да имаат доверба сите политички субјекти во државата и граѓаните. Од голема важност за предизборниот и изборниот процес е да се обезбеди и објективно известување, бидејки најголем дел од медиумите се под контрола на власта, поради што опозицијата нема фер шанса за медиумско претставување. СДСМ нема да отстапи од ставот за фер и регуларни избори со примена на европските вредности, а реализацијата на овие две обврски е меѓу нив“, рече Заев.