Иран изведе нови пробни тестирања на балистички ракети

Иран во среда изведе две нови пробни лансирања на балистички ракети со дострел од околу 1400 километри, изјави вториот човек на Чуварите на револуцијата, по само еден ден по слично тестирање што предизвика загриженост кај Вашингтон.

Image
Истрелувањето следеше по пробното лансирање на ракети во вторник, за што американскиот Стејт Департмент рече дека тоа прашање ќе го иницира во Советот за безбедност при ОН.

Пред два месеца Вашингтон воведе санкции за компаниите и поединци поврзани со иранската ракетна програма заради тест на ракета со среден дострел, изведен во октомври 2015 година.

Ракетите истрелани во среда од северен Иран ги погодиле метите на југоисточниот брег од земјата, оддалечени 1400 километри, објави официјалната агенција Ирна.

„Проектилите истрелани денеска се резултат на санкциите. Санкциите му помогнаа на Иран да развие балистичка програма“, рече генералот Хусеин Салами, заменик командант на Чуварите на револуцијата.

Иранските балистички ракети од среден дострел се замислени да бидат во состојба да погодат цели во Израел, рече командантот на ракетните единици на Чуварите на револуцијата.

„Причина за производство на нашите ракети со дострел од 2000 километри е да бидат во состојба да го погодат нашиот непријател, ционистичкиот режим, од безбедна оддалеченост“, рече бригадниот генерал Амир Али Хаџизадех.