Италијанскиот актер Рафаел Шумахер е во кома откако сцена со бесење во театарска претстава завршила со давење.

Шумахер е префрлен во болница овој викенд, откако еден од гледачите на претставата во Пиза забележал дека не е нешто во ред со актерот и притрчал да му помогне.
Дваесет иседумгодишниот актер играл во претставата „Мираж“ во театарот Лукс во Пиза.
Весникот Il Giorno пишува дека не биле спроведени неопходните безбедносни процедури пред изведувањето на претставата, а полицијата покренала истрага за овој случај.
Еден од актерите подоцна изјавил дека јамката требало да биде лажна и доколку актерот паднел, требало да биде задржан со посебна лента. „Не можам да објаснам како дојде до инцидентот“, рекол актерот.
Гледачот кој забележал дека актерот се дави, неодамна дипломирал медицина и прв му притрчал на Шумахер, кој преку лицето имал вреќа, откако видел дека тој се тресе. Кога јамката била олабавена, гледачите помогнале актерот да се спушти на земја.
Полицијата го затворила театарот и извршила разговор со актерите, членовите на театарот и гледачите. Уметничката директорка Габриела Делука откри дека Шумахер во последниот момент го изменил сценариото, но никого не го информирал.
Според оригиналното сценарио, сцената со бесење била заменета со сцена во којашто еден актер пука во него. Мајката на актерот изјавила дека нејзиниот син никогаш не би дигнал рака на себеси. „Неодамна остана без татко, но успеа да го преброди тоа. Немаше никаква причина да се убие, ниту оставил проштално писмо“, рекла мајката на актерот.