Плевнелиев: Подготвен сум да предложам и трета техничка влада, но не сакам да дојде до таму

Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев порача дека тој е подготвен да го искористи своето уставно право и да предложи нова техничка влада поради несогласувањата кои се појавија помеѓу бугарските политички партии во врска со изборните права на бугарските граѓани, но дека како шеф на државата „не сака да дојде до такво нешто“.

Image (12)

„Секогаш сум подготвен да ги исполнам уставните обврски. Ако е потребно, подготвен сум да составам и трето техничка влада, но не сакам и не треба да дојде до таму“, изјави Плевнелиев, пренесува агенцијата Фокус.

„Не сметам дека заштитата на уставните права на бугарските граѓани и дебатата за тоа како Бугарите во светот да можат да гласаат чесно, масовно и во интерес на демократијата и легитимноста на државата, треба да доведе до паѓање на владата во Бугарија. Затоа се надевам на одговорно решение во интерес на правото на Бугарите да гласаат, како и за гарантирање на стабилноста во државата“, рекол бугарскиот претседател.

Плевнелиев изрази увереност дека одлуката на политичка партија АБВ да ја повлече поддршката за владата се базира на обмислена и кохерентна стратегија. „Право на политичките партии е да проценат кога и на кој начин ќе се позиционираат”, додал тој.

„Убеден сум дека напорите за стабилност ќе бидат наградени од народот”, истакна шефот на бугарската држава, додавајќи дека кај него постои голема загриженост поради рекордниот број кризи во близина на Бугарија,  постојаниот миграциски бран, како и заканата од тероризмот.

„Кога нацијата ни е загрижена, треба да се работи за стабилноста, да се заборават непринципиелните политички противречности и да се обезбеди долгорочна перспектива. Сакам да видам стабилност, реформи, надградба и чесни претседателски избори со квалитетни кандидати“, порача Плевнелиев.

макфакс