Пожарникарите мора да умеат да се грижат и за невиноста

Пожарникарите од италијанскиот град Падова останале вчудовидени кога во нивната станица дошла четириесетгодишна жена, молејќи ги да ѝ ја отклучат бравата – на појасот на невиноста, бидејќи го загубила клучот.

Image

Жителката на Падова во почетокот не објаснила прецизно за што станува збор, пишува дневниот весник Mattino di Padova. Прво рекла дека ги загубила клучевите од бравата, па е во паника оти не може да ја отклучи.

Пожарникарите ја побарале нејзината адреса, уверени дека станува збор за клучеви од влезната врата на нејзиниот дом. Но останале стаписани кога госпоѓата им кажала дека во прашање е бравата на појасот на невиност кој го носела под облеката, притоа подигнувајќи го здолништето за да им го претстави проблемот.

И покрај многу деликатната ситуација и барање, пожарникарите се покажале како одлични професионалци, и притоа многу совесни, забележува весникот.

Го пресекле катинарот и потоа ја прашале жената дали била жртва на насилство и дали некој ја присилил да го носи металниот корсет, на што таа им одговорила дека само сакала самата себеси да се принуди на сексуална апстиненција.