Премиерлига: Порази за Тотенхем и Арсенал

Тотенхем и Арсенал не го искористија киксот на Лестер во 28.коло, во Премиерлигата, откако загубија од Вест Хем, односно Свонси. Во дербито на колото Ливерпул го декласира Манчестер Сити и му се одмазди за неделниот пораз во финалето на Лига купот.

Image

Тотенхем, во лондонското дерби, загуби кај Вест Хем Јунајтед со 1:0. Единствениот гол на мечот го постигна Антонио уште во седмата минута од натпреварот. Од друга страна Арсенал, како домаќин, имаше предност на Свонси со голот на Кембел, но најпрвин Ратлиџ израмни во 32.минута, а целосен пресврт гостите направија на 16 минути до крајот на мечот, кога Чех беше совладан од Вилијамс.

Ливерпул со 3:0 го совлада Манчестер Сити и ги оддалечи „граѓаните“ од борбата за шампионската титула. Лалана го постигна првиот гол во 34.минута, а седум минути подоцна предноста на „црвените“ ја удвои Милнер. Конечниот резултат го постави Фирмино во 57.минута.

Голот на Шачири го реши победникот на мечот помеѓу Стоук и Њукасл, а еден гол му беше доволен и на Манчестер Јунајтед за да слави над Вотфорд. Отпорот на гостите го скрши Мата во 84.минута.

Лестер е лидер на табелата со 57 бодови, три повеќе од Тотенхем и шест од Арсенал, Сити е на четвртото место, има натпревар помалку и заостанува десет бодови зад лидерот.