Сириец го извршил нападот во Анкара, во Турција влегол како бегалец

Сириец, идентификуван според отпечатоци од прстите, го извршил бомбашкиот напад во центарот на Анкара, во кој загинаа 28, а повредени беа 61 лице, објави во четвртокот провладиониот весник „Јени Шафак“. Весникот не го наведува изворот на оваа информација, така што веродостојноста не може да се провери, пренесува агенцијата Ројтерс.

Image

Според турскиот весник, бомбашот е идентификуван како Салих Неџар, кој во Тирција влегол со беглаците од Сирија. На влез во државата него му биле земени отпечатоци од прстите и на тој начин полицијата го идентификувала, објави „Јени Шафак“ на својата интернет страница.

Автомобилот, со кој е извршен нападот во центарот на Анкара, каде се сместени генералштабот, парламентот и други владини згради, бил изнајмен пред две недели во Измир.

Ројтерс пренесува дека сеуште никој не ја презел одговорноста за нападот, но турските власти наведуваат дека постојат индиции дека бомбата ја подметнале курдските екстремисти од забранетата Работничка партија на Курдистан.

Од друга страна безбедносни извори од југоисточниот дел на Турција, област во која мнозинско население се Курдите, веруваат дека зад нападите стои Исламската држава.