Во Основниот суд Скопје 1 во четврток продолжува судењето за судирот меѓу македонската полиција и вооружената група во кумановската „Дива населба“ што се случи во мај минатата година.

Во судот треба да се појават нови сведоци за случајот, локално население меѓу кои и оштетените жители на кумановската наслеба во судирот.
Досега во судот сведочеа главно жители од кумановската населба, соседи на обвинетите кои живееле на улицата каде што се случуваа дводневните пукања, полицајците од полициската станица Гошинце, а на последното рочиште сведочеше и командирот на обвинетиот полицаец, Арсим Бајрами. Сите тие беа сведоци на обвинителството.
Жителите на кумановската населба воглавно тврдеа дека полицијата ги малтретирала и дека пукала, но некои од нив кажаа дека жените и децата од нивните семејства, пред пукањата во Куманово, заминале на гости кај роднини.
Командирот на полицаецот рече дека за време на судирот, Бајрами зел боледување бидејќи неговата ќерка била болна, но набргу бил уапсен.
Обвинетите пак кога се изјаснуваа дали се виновни или не, тврдеа дека водачите на групата не биле убиени во судирот, туку отпосле во полициска станица, дека во случајот се вмешани високи функционери на Управата за безбедност и разузнавање и дека целиот случај е „политичка игра“.
Во судирот во Куманово загинаа осум македонски полицајци и десет припадници на вооружената група, а обвинети се 29 лица кои одговараат за тероризам.
макфакс