Врховниот суд го блокираше имиграциониот план на Обама

Американскиот Врховен суд во четвртокот му зададе тежок удар на претседателот Барак Обама откако го блокираше неговиот план за имиграцијата со кој би се спречила депортацијата на околу четири милиони илегални имигранти, на што претседателот изрази жалење нарекувајќи ја судската одлука „фрустрирачка“.

Image (1)

Врховниот суд беше поделен на четири гласа „за“ и четири глас „против“, поради што на сила останува пресудата на понискиот суд од 2015 година кој ја отфрли извршната уредба на претседателот Барак Обама. Со оваа пресуда Врховниот суд потврди дека Обама ги пречекорил своите овластувања со едностраната одлука со којашто се обиде да го заобиколи Конгресот во кој мнозинството го имаат нему опозициските републиканци.

Според планот на Обама, околу четири милиони луѓе кои во САД илегално живеат најмалку од 2010 година, немаат криминално досие и имаат деца кои се американски државјани или имаат законско постојано престојувалиште, би биле заштитени од депортација и би добиле работни дозволи.

Одлуката, донесена седум месеци пред истекот на вториот и последен претседателски мандат на Обама, е последната во низата успеси на републиканските ривали во спречувањето на една од поважните иницијативи на демократскиот претседател. Оваа пресуда на Врховниот суд гарантира дека имиграцијата сигурно ќе остане едно од поважните прашања во претседателските кампањи до изборите закажани за 8-ми ноември.

„Денешната одлука е фрустрирачка за оние кои сакаат нашата економија да расте, имиграциониот систем да биде разумен и да им се овозможи на луѓето да излезат од сенка. Фактот дека Врховниот суд денеска не беше способен да донесе одлука, не само што го враќа системот наназад, туку уште нé оддалечува од земјата каква што би сакале да бидеме“, изјави Обама во пораката од Белата куќа.

макфакс