Колумбија и FARC се договорија за мисија на ОН

Колумбиската влада и левичарската бунтовничка група FARC се договорија во вторникот околу мисијата на Обединетите нации која би требала да го надгледува прекинот на нивниот петдецениски судир.

Image
Преговарачите на двете страни се договорија на мировните преговори во кубанската престолнина Хавана дека од ОН ќе побараат испраќање мисија со мандат од една година којашто ќе го надгледува примирјето и разоружувањето на бунтовниците.

Обединетите нации допрва треба да одговорат на барањето на завојуваните страни кои преговараат веќе три години. И колумбиската влада и FARC се надеваат дека конечниот мировен договор ќе го постигнат до март годинава.

Од почетокот на мировните преговори во Хавана во ноември 2012 година, преговарачите се договорија околу клучните прашаа, како што е учеството на бунтовниците во политичкиот живот, правото на земја, криумчарењето наркотици и трансформацијата на правосудството во земјата.

Владата веќе педесет години се обидува да го реши вооружениот судир во кој се проценува дека од 1064 година загинале 220.000 луѓе и е најдолготрајниот вооружен судир на западната хемисфера.

Ова група е најголемата од бунтовничките во Колумбија во и најстара во Латинска Америка, којашто официјално има околу осум илјади борци, главно повлечени во руралните области. Герилата во 2012 година вети дека нема да грабнува цивили и да бара откупнина, но не се откажува од грабнувањето полицајци и војници кои ги смета за воени заробеници.

Инаку, двете колумбиски герилски движење FARC и ELN, прогласија прекин на борбените дејствија од 20-ти до 28-ми мај 2014-та, пред одржувањето на претседателските избори на 25-ти мај.

Досега од почетокот на преговорите FARC во два наврата еднострано прогласуваше примирје и повеќепати без успех бараше од владата и таа да прогласи примирје. Тоа беше третото примирје што го прогласија Револуционерните вооружени сили на Колумбија (Fuerzas Armadas Revolucionarias de Colombia – FARK), но е прво коешто го прифати и втората по големина бунтовничка групација во Колумбија.

Претставници на колумбиската влада и на FARK на 19-ти ноември 2012 година на Куба започнаа преговори за ставање крај на речиси полувековниот конфликт во кој загинаа повеќе од 200 илјади луѓе, а 4,5 милиони мораа да ги напуштат своите домови. Досега беа одржани девет круга на преговорите а во мај 2013 година беше постигнат договор со кој се повикува на економски и социјален развој на руралните области, а договорено е и делумна поделба на земјата на локалното население, што го решава еден од главните проблеми поради кои FARC во 1964 година го започна бунтот. Колумбиската влада се обврза да ги подобри услугите и инфраструктурата во руралните подрачја во рамките на широките напори за намалување на долгогодишните социјални и економски нееднаквости, а како едно од големите прашања беше прашањето за учеството на FARC во политичкиот живот на Колумбија.

Аналитичарите велат дека досега најмоќната бунтовничка организација во Колумбија од 2002 година претрпува силни порази од владините сили, а во последно време се забележани масовно дезертирање од нејзините редови, па бројката нејзини борци во моментов се проценува до седум илјади. Според колумбиското министерство за одбрана, во моментов бројката на борците е и до 60 отсто помала отколку во 2000 година, или приближно осум илјади борци.

Успехот во борбата против оваа пaравојска му се припишува на поранешниот претседател Алваро Урибе, чиј татко во 1983 година беше киднапиран и убиен од оваа организација. Урибе го сметаат за херој во Колумбија, бидејќи им нанесе големи загуби на бунтовници и притоа привлече странски инвестиции во земјата, која со децении е поделена од граѓанската војна. Неговата политика доби значителна поддршка во воена помош и парични средства од САД.

Во 2008 година, FARC за кусо време загуби три од седумте високи команданти. На 1-ви март таа година во напад на колумбиската војска врз камп на FARC на територијата на Еквадор беше убиен Раул Рејес, на 7-ми март шефот на внатрешната безбедност на FARC, за награда од милион долари го уби вториот човек во раководството на герилата, Иван Риос, и на 26-ти март од срцев удар почина основачот и лидер на формацијата, 78-годишниот Мануел Маруланда.

Со смртта на почетокот од ноември 2011 година на 63-годишниот Алфонсо Кано, еден од неколкумината од кои потекна идејата за формирање на FARC и главниот идеолог на движењето, можноста за добивање поддршка од локалното население и за спротиставување на владините сили за „изградба на Нова Колумбија”, беше доведена во прашање.

Армијата на националното ослободување (Ejército de Liberación Nacional, ELN), пак, се проценува дека во моментов брои меѓу 2.500 и 3.000 борци. Оваа леворадикална терористичка организација е исто така формирана во 1964 година, од група студенти кои враќајќи се од студиите на Куба, сакаа во Колумбија да го увезат револуционерниот модел на „Островот на Слободата”.

Движењето го иницира студентскиот лидер Фабио Васкез, а потоа свештеникот Камило Торес, познат универзитетски професор и поборник на еднаквоста и доследен марксист, кој критички настроен кон социјалната нерамноправност во Колумбија, подоцна се приклучува, како иден поборник на теологијата на ослободувањето за спроведување на идеите во практиката, преку револуционерна борба. Тој загинал во својата прва борбена акција во напад врз патрола и стана симбол за организацијата, но и за други свештеници кои го следеа неговиот пример.

По бројните неуспеси и порази, во почетокот на 1970-те отецот Мануел Перез стана еден од челниците на ELN и остана на неговото чело до смртта во 1998 година. Перез се смета основоположник на конечната идеологија, којашто е мешавина од марксизам, геваризам и „теологија на ослободувањето”. Нејзина цел е да се надмине социјалната неправда, сиромаштијата и политичката нестабилност во традициите на христијанството и марксизмот со користење на методи на герилската војна. Во периодот меѓу 1973 и 1974 година на ELN ѝ беше нанесен тежок удар, но движењето сепак успеа да опстане.

И ELN учествуваше во разговорите за приклучување кон мировните преговори коишто до 1998 до 2002 година ги водеше владата на Андрес Пастрана со FARC, но владината иницијатива за формирање демилитаризирана зона во јужниот дел од провинцијата Боливар за ELN беше запрена под притисокот на ултрадесничарските Сили за Самоодбрана на Колумбија.

Во последните години „ескадроните на смртта” на Урибе, како и засилените воени операции на колумбиската армија нанесоа големи порази на ELN. Кон крајот на август 2013 година претседателот Сантос објави дека е подготвен за мировни преговори со ELN, откако движењето ослободи канадски геолог кој беше во заложништво седум месеци.