„Чекај да ти објаснам!“

shoshko3111Не знам дали е казна, клетва, награда (ако се смееш), ама чувствувам дека секој ден ги има се’ повеќе. НЕ МОЖАМ! Тоа е вид кој опстојува со векови, не го уништува ништо, не познава националност, вера, пол, раса…Се надградува и има за цел да ти го уништи моментот, денот и/или ај да не претерувам со подлги временски периоди. Сериозно се плашам веќе. Насекаде се! На ТВ, на Фејсбук, Твитер, на факултет, на работа, на улица…а не дај боже да имаш такво нешто во фамилија или во кругот на пријатели. Додуша ако си дебелокожец веројатно само ќе се смееш, ама ако не си…

Има два типа – саркастичен кој звучи како оригиналот но не ни од далеку сличен (има скриени или зајадливи намери) и природниот, чистиот, кој не е измутиран или извалкан од никаква форма на знаење, иронија или сарказам.

Неговото величество….(не Султанот) БУКВАЛИСТОТ!

Не знам со сигурност како преживуваат, ама сигурно се хранат со глупави прашања, потпрашања, објаснувачки одговори на било каков тип сарказам, парафразирање на веќе кажани реченици, извртување на кажана реченица дополнета со неколку сврзници за да звучи како нова, апсолвирање на вистини од типот „такво време дојде“, „нема работа“, „многу ладно бе“. Обично ако не отвараат уста (што е реткост) се препознаваат според тоа на што се смејат (евентуално какви фан групи лајкнуваат).

Ако немаш еден сателит од ваков тип нешто не е во ред со тебе или живееш изолирано во пештера и имаш дебела среќа во животот и си опкружен/а со луѓе кои се прекрасни, паметни, имаат смисла за хумор и така натаму.

– Кажуваш виц – се наоѓа некоја „Божја казна“ за да го дообјасни. Немој да се излажеш да потпрашаш нешто (колку и да ти е дојдено до зезање, реметење или било каква причина) зашто ќе те спуштат на такво мрачно ниво кај што ќе почнеш да ја доведуваш до прашање сопствената интелигенција. Значи НЕМОЈ!

– Коментираш (мрчиш) нешто – пак дотичниот/та ти појаснува очигледни работи. Сарказмот или зајадливите коментари кои звучат дека тој што ги кажува не разбира за што се работи, не се наменети за ТИ да ги протолкуваш, објасниш или да просветлиш некој. Така се кажани за да лебдат во воздух, да се насмее некој, просто да бидат кажани зашто соодветствуваат на ситуацијата или едноставно затоа што тој што ги кажал е алапача, копиле со остар јазик, мрчало или „мудрец“.

Врвот се прашањата кога работите се очигледни. Не знам дали е во нашата природа да ги комплицираме работите и да бараме дополнителни одговори или сакаме да ни измислат нешто плус што ќе ја усложни работата за да има причина за расправање, ама ако на теглата пушува „отвори овде“ не треба да одиш до маркет и да прашуваш дали стварно таму треба да се отвори. (Ако се фативте за теглава, овде текстот за вас завршува).

Ако не се фативте за теглата, текстот продолжува овде.

(Нема линк по ѓаволите, се зезам!)

 

 K.Шошко

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.