Да се биде посебен…

KokakolicarПоимот„ посебен“ во денешно време се испоистоветува со поимот „чудак“! Лошо, многу лошо и погрешно! Но јас поинаку гледам на тоа. Мое мото на оваа тема е „I’m not weird, I’m limited edition“. А вие како сакате. Да се биде посебен не секогаш значи да се биде уникатен, па мислам дека тоа и не е возможно, едноставно треба да правите или поседувате нешто уникатно.

Важен фактор за тоа дали сте посебни е тоа како вие самите гледате на себе и како се чувствувате. Доколку дозволувате мислењата на околината да влијаат на вашето гледиште за себе, секогаш ќе бидете само „еден од сите“ и вашата уникатност, која верувам дека секој ја поседува, никогаш нема да дојде до израз.

Да се биде посебен не значи само да се биде единствен препознатлив по нешто во светот. Можете да бидете посебни и во вашата околина, посебни во вашето училиште, во вашето семејство.

Јас лично одсекогаш сакав да бидам посебен и така се гледав себеси. Мразев копии уште од мал, мразев да бидам како некој и мразев некој да се обидува да биде како мене. Мразев да имам нешто што го имаат сите до тој степен што сам си се лишев од некои лични задовоства, само за да не бидам копија. На пример, никогаш не купував парче облека доколку некој што го познавав го поседува истото, па колку и да ми се допаѓало. Никогаш не се замарав со мислењата на другите, си терав по свое, по некогаш и грешев, но не размислував за последиците, се „горев“ често, но тоа ме направи само посилна личност.

Израснав меѓу луѓе што беа поинакви од мене, но тоа ми годеше. Додека сите мои другари влегоа во некој свој филм, типичен за тие години, јас си останав свој. Додека сите мои другари се шишаа премногу кратко, иако е факт дека не на секој му стои таква фризура, јас ја пуштив косата. Додека си го „возеа“ „Бруклин“ филмот, рап, живот во гето, златни ланци, коли и пиштоли, фрки и тепачки, јас си создадов свој филм. Најтрагичното во таа ситуација е што не сите го сакаа тоа, но кај поголемиот дел постоеше стравот да не бидат отфрлени, па и тие го тераа тој филм иако дома или надвор од тој круг тие беа сосема поинакви личности, но ете, некои луѓе дозволуваат да им влијаат туѓите мислења. Но со тек на време стануваат уморни од тоа да бидат нешто што не се, па менуваат средина, пронаоѓаат истомисленици кои им одговараат и меѓу кои можат да бидат тоа што се и тогаш сфаќаат колку се посебни.

И ден денес се осеќам посебен за некои работи. На пример, имам поинакви размислувања, ставови и верувања, кои ретко кој ги поддржува и ги разбира, но сето тоа е затоа што не сум дозволил општеството да ми влијае на создавањето, туку, напротив, животот и искуството влијаело на создавањето на истите. Важна улога тука игра карактерот на човекот и домашното воспитување. Посебен ме прави фактот дека не го сакам класичниот ноќен живот. Не ги сакам кафаните, не ги сакам клубовите, не ги сакам отмените кафулиња. Мое мото на оваа тема е „Не е важно каде си, важно е со кого си“, па затоа, зошто да го поминам времето, со луѓето што ги сакам, меѓу луѓе што воопшто не ги познавам, каде немам простор сам да си ја исценирам вечерта, туку чекам музиката и атмосверата да ми ја долови некој друг? Искрено, можеби е чудно, но никогаш не сум излегол во кафана (тука не ги вклучувам семејните прослави и собири), во дискотека сум бил неколку пати, тие вечери можам да ги избројам на една рака, но повторно било со причина, нечиј роденден или концерт кои не сум сакал да го пропуштам. Едноставно уживам кога имам простор сам да си ја организирам вечерта: да ги одберам луѓето кои ќе присуствуваат, музиката која ќе се слуша и атмосверата која ќе владее. Додека сите пијат и се веселат на Аца Лукас и компанија, јас уживам во нешто сосема поинакво. Не се пиело на рок и метал, како да не. Тоа ме прави да се чувствувам посебен, не единствен, но посебен меѓу луѓето што го преферираат тоа што јас ни најмалце не го почитувам.

Да се биде посебен и да се расте на тој начин не е ни најмалце лесно на овие балкански простори, но светот е пред вас, на светот му требаат такви луѓе, еден ден тие падови и страдања многу ќе ви се исплатат. Бидете посебни, не дозволувајте општеството да ве програмира, баталете ги шаблоните, живејте по свое, само така ќе бидете среќни и исполнети.

 

Le Me, Кокаколичар

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.