Еволуција

shoshko3111Дали знаевте дека имаме таленти кои успеваат во Холивудската филмска индустрија? Знаевте ли дека имаме Филхармониски Оркестар при Македонското Радио кој снима музика за видео игри и холивудски филмови како што еHemigway & Gelhorn  со Никол Кидман и Клајв Овен во главните улоги. Работеле и на  видео играта Journey која треба да излезе оваа пролет и еден куп други квалитетни проекти. Да не ги споменувам и FX3X кои работеа на анимациите на Трансформери, Ранго, I am Number 4, Авијатичар, Шерлок Холмс….веројатно заборавив уште нешто. А да! Ранго доби Оскар за анимација. ОСКАР! Погледнете ги само насловите на филмовиве. Во аниматорскиот тим работеле наши талентирани дечки. Ако тоа не е за пофалба и гордеење не знам што е?

Се чувствувам неуко што толку површно знам за овие работи. Да се стигне до тоа ниво да се работи за Холивудски блокбастери и да се биде дел од екипа која е наградена со Оскар е мега огромен чекор (и не само за нас од Македонија). Е неисе, се закити таа екипа со Оскар, другата растура со одлична музика за филмови и видео игри, но најмногу што во Македонија можат да добијат е минута и пол време на вести, евентуално пола страна во весник. Ако дозволите да претерам, пет реченици. На вести нормално не очекувајте ништо зошто кај нас е побитно како Северина се породила, дали сестра и плетела некаква си навлака за гениталиите на бебето, како градоначалниците ќе се маскираат за карневал итн.  Не знам со сигурност дали кај нас се прави разлика меѓу ударна вест и комшиски муабет. Најважно е дали пејачката ја удрила бандерата, со кој била во кола, дали дала десен трепкач…Секако важно е и дали денес се ископал нов темел, дали се усвоил закон за вработување на чистачи на прозорите на шалтерските стакла, дека се одобриле нови дисперзирани студии на бачило на Маврово…

…………..

Не дека нема да се информираме за ваквите таленти. Имаме Интернет фала Богу!

Не можам да опишам колку не ми е гајле за бремени певаљки, за кретенски полуразговетни изјави од новопечени интелектуалци и политичари. Не ми е гајле дали и колку граѓани решиле да постат оваа година, не ми е гајле за клише анкети „каде на одмор/Нова Година/ден на дрвото?“

Дупки во неинвентивноста и некреативноста не се пополнуваат со полуважни вести од соседството. Не се пополнуваат ни со анкети, зошто одговорите секоја година се исти (само плоштадот е различен).

Уште колку време треба помине за политиканството (не политиката, зашто тоа е цела наука во однос на она што се случува кај нас) да стане неважна дисциплина? Уште колку време треба да помине за да престанеме да се восхитуваме како некој со основно направил толку пари колку што еден образован човек нема да направи на на сон? Уште колку време треба да помине за шоу-биз препукувањата на кафеански естрадни уметници од надвор престанат да бидат важни во оваа земја?

Сепак еволуцијата е долготраен процес…

K.Шошко

 

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.