Пакомак ги избра најеколошките ресторани и кафулиња во Скопје во 2015 година

Над 110 ресторани и кафулиња во Скопје редовно ја собираат својата, пред се стаклена амбалажа, во посебни канти на Пакомак, кои потоа се рециклираат, наместо да завршат на депонија.

1

Станува збор за општествено одговорни угостителски објекти кои се вклучени во проектот на Пакомак “Are You Recycling” и кои ја имаат поставено таблата “Еко ресторан” или “Еко-кафуле”. Угостителски објекти кои ги следат еколошките барања и потреби на поширокото општество, а посетителите тоа го ценат и ги наградуваат со својата лојалност. Со цел да им оддаде признание на најдобрите според количините на стакло кои ги селектирале, Пакомак ги избра најдобрите 10 еко угостителски објекти во Скопје, и тоа по 5 од секоја категорија. Тоа се  еко ресторани: Русија, Дојрана, Пелистер, Барбакан и Градина и еко кафулиња: Ба Ду, Бар Конак, Кватро, Палма и Ла петит.

Со овој еко проект на Пакомак над 35 тони стаклени шишиња месечно се собираат и се носат на рециклирање. Тоа значи над 80.000 шишиња месечно кои повторно ќе се преработат и станат шишиња, со минимално можна потрошувачка на енергија и загадување на околината. Активност која можеби претставува мал напор на угостителите за селекција на отпадот, но од тоа голем бенефит има пошироката заедница.

Повеќето од овие еко ресторани имаат и модерни плински скари со вулкански камења, уредно го собираат употребуваното масло за готвење од фритезите и го предаваат на специјализирани компании кои го преработуваат, наместо истото да заврши во канализациски канали и да ги загадува подземните води, со што дополнително придонесуваат кон заштитата на животната средина.

Во 2016 година имаме за цел над 150 угостителски објекти во Скопје да го селектираат својот отпад, и уште толку низ другите градови на земјава. Над 2 мил. стаклени шишиња да се рециклираат од угостителството, и уште толку од домаќинствата. Иднината на успешните угостители не е само во квалитетот на услугата што ја нудат, туку и во нивната одговорност кон зачувување на средината во која работат, одговорност кон општеството во кое живеат и заработуваат. Македонија мора да стане земја со развиена еколошка свест и модерно управување со отпадот кој го создаваме” изјави Филип Ивановски-Генерален Директор на Пакомак.