Објавено името на третиот осомничен за нападите во Брисел – Наџим Лахрауи

Третиот осомничен за нападите кои што се случија во вторникот утрото на бриселскиот аеродром Завентем е идентификуван како Наџим Лахрауи, пренесува Reuters.

 Image

Полицијата уште од претходно трага по 25-годишниот Лахрауи, чија ДНК беше пронајдена во куќите кои беа користени од страна на лицата кои во ноември минатата година ги извршија нападите во Париз, соопштило белгиското обвинителство.

Лахрауи со септември минатата година патувал во Унгарија заедно со главниот осомничен за нападите во Париз, Салах Абдеслам. Претходно белгиските медиуми јавија дека двајцата бомбаши самоубици, кои ги изведоа нападите на бриселскиот аеродром, биле идентификувани како браќата Халид и Брахим Ел Бакрауи, кои уште од порано и биле познати на полицијата.

Белгиската телевизија RTBF, повикувајќи се на анонимни извори, навела дека тие биле жители на Брисел. Халид Ел Бакрауи под лажно име изнајмил стан во белгиската престолнина, во делот каде што белгиската полиција за време на минатонеделната рација уби еден напаѓач, додава телевизијата.

За време на рацијата, полицајците пронашле знаме на Исламска држава, автоматска пушка, детонатори и отисоци од прстите на главниот осомничен за нападите во Париз, Салах Абдеслам, кој беше уапсен три дена подоцна, потсетува Reuters.

Браќата Ел Бакрауи имале кривични досиеја но досега не биле поврзани со тероризам, наведуваат белгиските медиуми. Белгискиот државен обвинител во вторникот вечерта соопштила дека третиот напаѓач е во бегство, оценувајќи дека се уште е рано нападите да се поврзат со оние во Париз минатата година.

Полицијата веднаш издала и потерница по третиот осомничен, а сликата од безбедносните камери покажува човек со очила и брада во светла јакна и црн шешир, кој турка количка на која има голема црна торба. Според официјалните информации, во терористичките напади во Брисел загинаа најмалку 34 лица, а 250 беа ранети.