СДСМ в недела на партиски конгрес ќе ги објави листите за пратеници

Скопје, 1 ноември, 2016 – 11:26 (META) 
zaev-izjava

Социјалдемократскиот сојуз в недела на партиски конгрес ќе ги објави кандидатските листи за пратеници за претстојните предвремени парламентарни избори, изјави денеска претседателот на партијата, Зоран Заев.

Тој истакна дека се водат целодневни разговори со коалиционите партнери и со граѓаните.

– Ние нашите кандидатски листи ќе ги соопштиме на 6 ноември, в недела, за кога е закажан конгресот на партијата. Во тек се целодневни разговори со коалиционите партнери, но, пред сè, најголемо внимание посветуваме на средбите со граѓаните, кои ќе бидат дел од заедничките листи. Дотогаш не би сакал да изнесувам други детали – рече Заев.

Тој рече дека не би сакал да ја коментира изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека СДСМ нема потреба да лови гласови кај Албанците, но им порача на Ахмети и „на било кој власта“ да си ја тераат својата агенда.