Не ја сфаќам потребата за генерализирање. Мислам дека го надминавме и апсолвиравме моментот дека сите мажи се исти, дека сите жени се напорни, дека во Скопје има многу провинцијалци, дека ова е Македонија, дека ако си Овен во хороскоп си љубоморен/а, дека за да најдеш добро платена работа ти требаат врски, дека времето е ужас, дека имаме многу споменици, дека во вторник и петок е хорор во градски превоз….
Прво, мачно ми е да слушам за половата генерализација, а уште помачно и тажно ми е што голем процент од пишаните и електронските медиуми пополнуваат простор со теми како „5 митови за женскиот оргазам“, „10 начини кои укажваат дека и’ се допаѓате“, „Зошто мажите се женат со кучки/жените сакаат лоши момци?“, „Дали навистина ќе ви се јави?“
Значи АЛО! 21 век! Патетика! Дури ни женски тинејџерски списанија не „гњават“ веќе со такви теми. Како може да се класицифицираат милијарди луѓе како исти?! Патетично е дури и да се образложува дека таквите муабети и четива се наменети за луѓе кои останале со паметот во време кога Џаро и Чолиќ харале низ Југославија. Значи ти си ти, не припаѓаш на масата кретени или лесни женски, зашто така решило општеството да ги класифицира половите, кога сакаш ќе и’/му се јавиш, ако не те задоволува во кревет разговарај со него/неа наместо да гуглаш форуми и да им кукаш на странци. Толку!
Второ. Скопје бил грд град (не дека не се согласувам, секој ден никнува по нешто Лас Вегас aлајк) и е преполн со провинција. Да, свесни сме. Да, знаеме. Да, напорни се сите колумни, статуси на Фејсбук (евентуално Твитер), коментари и озборувања. Исто така напорни се обидите за докажување на семејно стебло и историјат на Скопски корени. Во ред е. Разбравме! Од Скопје сум, го сакам иако е грдичко на моменти, иако е полно со чуден народ, иако е далеку од (прости ми Боже што го злоупотребувам зборов) метропола, има големи шанси да ме истепа некој на улица или во автобус…ама дома ми е. Какво е такво е. Никакво, натрупано, валкано итн. Одамна се надмина границата на подносливост на истите муабети за Скопје. Ако го сакаш сакај го, ако го мразиш мрази го. Тука е и ќе остане.
Трето. Ова е Македонија. Стварно? Знам! Знам колку е тешко да се остварат некои идеи, знам дека е тешко да најдеш добра работа, знам дека е сиромашна, дека е изолирана (мал е овој збор додуша) и далеку од она за што сакаме да мислиме дека е. Знам дека е мала и дека има многу простотија сконцентрирана на мал простор, знам дека има три и пол градови, знам се’! Не ми требаат досадни муабети, јасно е!
Не ми е јасно до кога ќе се вртат истите муабети. Толку ли нема за што да се зборува овде? Ако не е озборување, тогаш е некој гревен скандал за некој од Собрание кој си пишувал еротски пораки со некоја. Ако не е политикантство, тогаш е времето, ако не е времето тогаш се СДСМ или ВМРО. Ако не е ни тоа, тогаш се (измислени) сексуални активности со некоја што пола град ја знае како к…а. Ако не е тоа, тогаш е за некој кој е (можеби) хомосексуалец, ама во последно време некако олабавија хомофобите па веројатно не е толку интересна темата, до следната прилика кога ќе се подготвуваат да тепаат се’ што не е како нив.
Единствено нешто за што може да се зборува генерално се буквалистите. Тие никогаш не отскокнуваат од шаблонот и секогаш никнуваат за да ти го зае*ат денот со една реченица. Генерално сите буквалисти се исти!
Но…секоја генерализација е погрешна, вклучувајќи ја и оваа!
К. Шошко
(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)
Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.