Како да станеш грижлива личност?

shoshko3111Те нарекуваат лош, бесчувствителен, студен, незаинтересиран? Не знаеш како да разговараш без притоа да не звучиш како да те боли уво за туѓите животи? На вистинското место си!

Можеби треба да го прочиташ следниов текст, кој барем малку ќе те мотивира да поработиш на својата личност и ќе научиш како да се грижиш за другите, а не само за себе.

За почеток, ако си ја гледаш својата работа, подзастани. Никој, повторувам никој, не сака саможиви скотови кои и да умираш ќе те прескокнат. Значи, ти гледај си ја работата, но повремено малку барем пикни го носот и во туѓата.

 

Како?

  1. Се почнува со фини и умерени прашања. Никој не сака неспособни соговоници кои немаат финеси и учтиви фрази. Насмевката е клучна а оттаму работите одат лесно. Важно е да се знае, дека разговорот мора да содржи прашања. Прашањата се огледало на туѓата загриженост и грижливост. Од „како си/како сте дома/како на работа или факултет“ постепено преминувај кон прашања за просек на факултет, висина на плата, просек на финансии дома, а пред да ја згазиш црвената линија на невкусот, веднаш почни со нафрлање благи информации за твојата финансиска состојба, сметки, тежина на живтот и слично за да се најдеш на исто рамниште со соговорникот за да се поврзете емотивно.
  2. Премини на интимни прашања. Дечко, девојка, сопрузи, деца, свекрви….Испрашај за сите. Постепено, зависно од тоа што е тема на денот, почни да прашуваш за здравје, за односите на семејството, за редовност на коитус (внимавај ова е болна точка, па затоа мајсторски прешалтај се на нешто понеутрално како на пример дека грипот ги покосил сите месецов), редовност на празнење на црева, докторски совети во врска со истите и слично. Многу е важно да запишуваш. Будалиот памти, паметниот запишува. Можеби некогаш ќе треба да провериш со кој соговорник каков разговор си водел, а никако не сакаш да поставуваш исти прашања. Некои луѓе тоа може да го помешаат со нездрава љубопитност и да направат превид на твојата грижливост.
  3. Остани во континуитет. Грижливите луѓе СЕКОГАШ се интересираат и за роднините (барем од прво колено) и секако за најблиските соседи. Ако случајно соговорникот има братучетка која летово била на одмор на Закинтос или Крф, како вистински загрижен соговорник, тивко однеси го на страна и предложи му да ја однесе братучетката на лекар, зашто нха Грчките острови не се знае „кој пие, кој плаќа“. Да не закачила некоја болест де. Бидејќи си веќе на третиот чекор, веќе смееш да прашаш и колку пари потрошила на одмор (вистински загрижените луѓе веднаш за себе си помислуваат и „од кај пари бе“ но тоа не се кажува гласно, тоа е само за билдање на техниката).
  4. Ако се најдеш на слава, роденден, свадба или било каков друг собир, запомни – МОРА ДА ГИ ВЕЖБАШ ТЕХНИКИТЕ. Ако не овде, каде? Овие собири се идеални за да покажеш и докажеш дека си грижлива личност, а не непрокопсан изрод во фамилија. Ако почнеш да ги испрашуваш сите по ред може да се загуби дражта. Затоа најди барем еден (до двајца) роднини и почни да вежбаш. Се почнува со „леле колку си пораснал/а“ а се преминува полека со „како на факултет/школо/работа?“ Откако муабетот ќе почне да тече, твоите научени вештини самите ќе го најдат патот да излезат надвор. Мораш да поставиш барем едно прашање за мажачка или женачка, девојка/дечко за озбилно, евентуално ако раскинале, мораш да имаш арсенал од две-три пцовки или неколку благи клетви за бившите. Доколку немаат абер за мажење/женење, најди некоја братучетка и спомни ја. Пример: „Види Биле, си се среди со Гоце. И тие да ти кажам ја претераа, 9 години. Мајка и` ми кажа дека ептен биле на ивица, или ќе раскинеле или ќе се земеле, ама ете сега супер се, си работат двајцата, кредит за станот плаќаат, дај боже и бепче наскоро. (со шепот) Ама Виолета, тетка и` ми спомна нешто изгледа мака имаат на тоа поле…“.
    Значи со овој воведен муабет НЕМА УТКА. Води кон дополнителна загриженост како од твоја, така и од страна на соговорникот. Кулминацијата од ваквата активност води кон зближување на семејството и секако поголема грижа едни за други (без разлика што вашето гледање ќе биде од слава на роденден, важно е дека темелите се поставени).
  5. Крајниот чекор за вистински да станеш грижлива личност е да почнеш да се интересираш за животот и маките на твоите комшии. Ако успееш ова да го постигнеш твоите шанси да станеш гуру на грижливоста се загарантирани. Што повеќе заинтересираност и загриженост, толку поголем фид бек ќе имаш. Не само што тие ќе се грижат за тебе, туку и ќе ја шират мисијата, а кога оваа мисија се шири целта е постигната. Со ширење на мисијата, можеби нечија животна приказна ќе стигне до ушите на човек кој навистина ќе знае да помогне. Еве да речеме, Биле и Гоце од дадениот горен пример (кои се измислени ликови, не дека познавам таков пар или пак сум слушнала нешто) можеби ако нивната приказна доволно се шири помеѓу семејството, ќе најдат проблем за нивната неполодност. Никогаш не се знае, а несвесно може и добро дело да направите.

Најважно е да се сакаме и да се грижиме едни за други, зашто признајте дека ви е топло на срцето кога некој се грижи дали учите, дали имате доволно пари за на одмор, дали воопшто имате пари, кога некој се грижи дали девојката е можеби со вас од корист или пак дечкото поради вашиот голем задник…Мене на пример ме фасцинира фактот што и сè повеќе млади луѓе се грижливи и добродушни и се интересираат едни за други.

За мене не знам дали има спас, но работам на тоа да станам помалку студена и повеќе заинтересирана личност.

Почни од себе, направи ја промената која сакаш да ја видиш кај другите, грижи се ЗА СИТЕ! Никогаш не знаш кому ќе помогнеш и кој ќе ти помогне тебе.

 

К. Шошко

 

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.