Чудото во Св. Димитрија, неверникот и Пикард

kolumna-picСекое чудо за три дена беше муабетот? Ова чудо веројатно ќе потрае повеќе од три дена. Настанот во црквата Свети Димитрија веќе четврти ден е најчитана вест во сите медиуми, па и во овој. Што и да се објави, што и да се напише во врска со тоа, со сигурност привлекува внимание. А претпоставувам ќе потрае, бар уште 4-5 дена, да пројде празникот. Единствено кога ќе затреба ќе може да се реактуелизира во моментот кога конзерваторите, научниците, ќе дадат мислење за оваа појава.

Па додека е сеуште жешка темата, да го искористам и јас моментот, да искуцам некој збор.

Најпрвин да расчистам со една работа. Не сум верник, судејќи по стандардите кои ги пропишува црквата, имам свои убедувања, кои целосно се косат со тоа што религијата го пропагира. Но тоа нема да ми даде за право да го негирам фактот дека многумина веруваат дека некакво чудо се случило во скопската црква, но ниту пак ќе дозволам некој да го негира моето верување дека зад ова стои некое логично научно објаснување од кое чекам одговор од институциите кои се задолжени за тоа, а кои се платени и од верниците и од неверниците како мене.

Единствено нешто што ми смета околу целата оваа работа се изјавите на лицата во црно кои се дрзнаа да ја протолкуваат појавата како божја опомена дека сме забегале од патот. Дека сме имале лоши вредности. Опомена…!? Па добро бре кој си ти да даваш такви изјави? Кој си ти да даваш такво толкување и да го преплашуваш народот. Па жени паѓаа у несвест и плачеа. Знаете ли каков страв сеете пријатели?! Еве јас ќе ви дадам едно толкување зошто се исчисти златото. Опомена до вас е дека само на злато се палите!!! Вредносен систем ко на рапери имате, а не на попови.

Ама нејсе, секој со своите верувања, секој со своите убедувања на крајот на краиштата.

Задњава реченица додека ја препрочитувам сфаќам дека кај нас не функционира во пракса, просторот за различни мислења е стеснет, скоро непостоечки.

Последен и најдобар пример е токму поврзан со „чудото“. Имено, еден портал ја пренесе денешната насловна страна на дневниот весник „Фокус“ на која стои дека феноменот е измама. Потенцирам, пренел туѓ став, не е став на тој портал, туку на некојси новинар во некојси весник. Но што се случува? Какви коментари можат да се прочитаат под таа вест? „Богохуљи; еретици; како не ви е срам; па се до божји клетви, господ ќе ве казни, руката да ви се исуши итн“.

Страшно е драги мои! Страшно е што, не само што стана опасно да имаш малку поразлично мислење од повеќето, страшно е што и да го пренесеш и да се оградиш од тоа мислење пак си го наебал.

Самоцензурата се повеќе и повеќе ни навлегува во креативноста и размислувањата. Полека полека, си ставаме граничници во главите како што имаат колите и моторите, со цел да се спречат да надминат одредена брзина. Зар и мозоците станаа потенцијална опасност во „сообраќајот“ и треба да ја заштитиме околината од „прекорачувањето“?

Не е во ред, драги мои, не е здраво, не е ферски, не е другарски на крај краева. Многу поминавме како цивилизација и како општество за да се враќаме назад и да спалуваме вештерки. Ептен загазивме во еволуцијата за сега да се заќутуваме едни со други. Желбата да се каже секогаш била поголема од желбата да не се каже. Има место за сите и за секакви мислења, само треба да се избориме и поштуваме.

На крај, више коа потрошивте 2-3 минути да го прочитате ова, ќе ве замолам да го пуштите видеово. Кратко видео од мојата „религија“, исечок од Холивуд, кое стана успешна затоа што секогаш знаеше на нас, како човештво, да ни го удри шамарот за да се освестиме за некои работи.

Не треба да сте ракетен физичар да го сфатите, многу е прост и директен муабетот.

 

Војкан Крстевски

 

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.