Писмо до најубавата жена

mitko1Долго време се мислев да и напишам нешто на најубавата жена. Да објаснам зошто е најубава, зошто е најпосебна зошто е најпрекрасна. Долго време мислев и се одлучив дека времето е дојдено да прочита да дознае зошто токму таа баш мене ми е убава, зошто толку не можам да ја извадам од глава и зошто имам несоница, чудни мисли и секојдневно срцебиење што наликува како да удираш на тапани .

Најубавата жена за мене е несовршена жена. Токму во тоа е убавината, во несовршеноста. Најубавата жена не е лепотица за мис, не ја знаат сите во градот, ја нема на сите сепариња во дискотека. Најубавата жена е тука за тебе, не те напушта лесно и те сака без преседан. Најубавата жена простува ако извинувањето е од срце, тука е кога си пијан и не можеш да стоиш на нозе, тука е кога си и најголемиот галамџија на целиот свет. Најубавата жена те прифаќа онаков како што си ти, зошто те сака тебе и само тебе и не и гајле што мислат за тебе : другарите, другарките, мајка ти, мајка и, татко ти, татко и браќата или сестрите, ти си тој што е во нејзините очи- таа те гледа само тебе. Ти си и ден,  ти си ноќ. Најубавата жена ти се јавува по 100 пати на ден да те праша како си, да ти каже дека те сака, дека мисли на тебе, дека и недостигаш.Ти се јавува да ти каже дека едвај чека да те види, дека сака да те прегрне. Најубавата жена не кажува напразно те сакам за подоцна да отиде со друг, таа се бори, се напрега, пати, ја боли душата. На најубавата жена никогаш не и пречи да гледа некој по други жени, баш напротив тоа треба да ја направи да се гордее зошто на крај на вечерта таа ќе те има тебе до неа и ќе биде задоволна со тоа. Најубавата жена знае дека кога ќе биде најпотребна тука ќе биде за тебе, дека ќе ти даде утеха, љубов, ќе ти ја олесни болката, ќе ти ја олесни тагата. Најубавата жена знае да ги цени моментите кои сте ги поминале заедно. Знае да ги сака утрата, те сака кога ја будиш од сабаје кога и се спие, те сака и кога не ја оставаш да спие. Со најубавата жена јадете рано, јадете и касно. Заедно се дебелеете ама тоа не и смета. Не и смета и да си давате најразлични имиња зошто таа тоа го сака. Најубавата жена гледа филмови кои ти ги сакаш, некои глупи научнофантастични и акциони филмови само за да направи да ти е убаво за полека да заспие додека ти како идиот не обрнуваш внимание.

Најубавата жена не ја интересираат пари. И кога ќе немаш, доволно е да ти каже: „добро љубовче немам ни јас, ама со 100 денари ќе идеме ќе се шетаме на кеј ќе грицкаме семки и ќе тераме празни муабети“. На најубавата жена не и е гајле за околината околу неа ако те има покрај неа. И покрај сите глупости што ги правиш како мало дете, тоа на неа и се допаѓа зошто тоа таа го сака, а со тоа те сака и тебе. Најубавата жена никогаш нема да очекува да и кажеш се, нема да очекува да и кажеш дека ја сакаш, дека сака да ја видиш, дека ќе умреш по неа – зошто таа тоа го знае. Најубавата жена умее да си ја голтне гордоста кога се работи за љубовта, зошто знае дека е нешто за што треба да се жртвуваш и нешто на што треба да му дадеш шанса.

За крај најубавата жена прави да се чуствуваш посебно. Кога ќе легнеш до неа се наежуваш, убаво ти е, едноставно ти се полни душата, срцето ти игра и се препушташ на музиката во тебе. Тогаш го добиваш она посебно чуство, емоциите ти работат пулсот ти се покачува. Прави да застанеш на кров и во ниедно време да се развикаш дека си крал на светот. Тоа е најубавата жена за мене. Затоа и оваа колумна и ја посветив на неа.

 

Митко Сланинкоски

 

 

 

Останатите колумни на следниот линк.

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.