Ноќите се најдобриот пријател на човекот, во нив се чувствуваш свој, во нив уживаш, во нив се опушташ, во нив заспиваш, во нив ја пронаоѓаш утехата, во нив ја преболуваш тагата, во нив размислуваш за животот и среќата. Во нив си вистинскиот ти! Пробувам да ја сфатам суштината на моето постоење многу пати и секој пат налетувам на различен одговор и различна констатација. Сигурно е поради промената на моето расположение предизвикано од дешавањата кои претходеле и кои се причина за истото. Но, само едно нешто скоро секогаш се сведува на крај како одговор на целата моја заблуда за постоењето на моето битие во ова опшество, како дел од човешството – живеам за ДА ПИШУВАМ!
Можеби ќе ме разберете, можеби скришно ќе ми се потсмевате, можеби ќе ми завидувате, можеби ќе ме плукате, можеби ќе ме охрабрите, можеби ќе ме искоментирате, можеби ќе ми набиете комплекси или истите ќе си ги излечите, можеби ќе навредите, можеби и само можеби . . . но знаете што? – ГАЈЛЕ МИ Е!
Сите тие навреди ги почувствав на своја кожа, заплкав кога мислев дека се со право кажани зборовите дека сум неспособна и неталентирана за пишување . . . плачев првите две години од мојот веќе скоро шест годишен пат по кој чекорам макотрпно трудејќи се да оставам нешто зад себе со кое ќе се гордеам кога ќе бидам на смртната постела и кога ќе ме запрашаат што направив целиот свој живот. Се надевам дека до тогаш и патот ќе биде со јубилејна бројка, ако Господ даде да проживеам доволно толку колку што е замислена и мојата идеална бројка за мојот пат. Сега жалам за тие солзи, жалам што потклекнав пред многу идиоти кои денес иако поминаа 5 – 6 години, не постигнаа ништо . . . сеуште се онаму каде што и беа и тогаш. Жалам за секој проклет пат што ја губев самодовербата, што не му верував доволно на своето ЈАС . . . туку се ослонував на мислењата на некои сосема небитни луѓе кои денес не се ни дел од мојот живот повеќе.
Но, за едно не жалам . . . токму тие луѓе ме направија ова што сум денес: Јас повеќе не сум онаа истата будалетинка кога заплакува за секој кажан збор, јас научив од болката во душата да направам дела со кои денес јас и луѓето околку мене се гордеат. Жал ми е ако ме осудите и занемарите, жал ми е ако погрешно ме сфатите, жал ми е ако ми се смеете со часови мислејќи дека ова е тотална глупост. Жал ми е бидејќи јас ја сфатив суштината на моето постоење, јас сфатив кој е мојот сон и идила во животот.
И само за крај, драги мои верни пријатели кои ме исчитавте до крај ќе ви посакам едно нешто: Живејте го сонот, но не го сонувајте сонот бидејќи кога смртта ќе ви тропне на врата . . . нема да имате време да се разбудите од длабокиот сон во кој сте се внеле без да осетите.
Марија Прличкова
Останатите колумни на следниот линк.
(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)
Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.