Писмо до Дедо Мраз!

shoshko3111(Кога сакам ќе му пратам писмо на Дедо Мраз, добро?)

Драг Дедо Мраз,

Јас бев од оние деца кои никогаш не веруваа во тебе. Пред да се изнервираш од првата реченица, те молам дозволи ми да ти објаснам. Во градинка ни доаѓаа деца од основното училиште што беше во ист двор со градинката, маскирани со црвен костим и носеа памук наместо брада а ние требаше да веруваме дека тоа си ти. На Плоштад те имаше во преголем број и малку ми беше симптоматично како успеваш да бидеш на 100 места и да имаш различен глас, да си слаб/дебел, да смрдиш на цигари и да имаш кратка/долга брада а понекогаш и многу да личиш на Димче Мешковски. Од она што го знаев за тебе, беше дека ти даваш подароци а не дека бараш пари за да се сликаме со тебе и со твоите препарирани елени. Плус сите роднини и моите дома ни ги даваа подароците „на рака“ што дополнително придонесе да не верувам во тебе. Извини однапред што бев мало цинично дете.

Ти го пишувам писмово со време, за да го прочиташ пред другите писма и да имаш време да размислиш што ќе правиш до 31 декември. Плус, веднаш да ти кажам дека ова ми е прво писмо со желби, па убаво би било да ги исполниш сите, зашто до сега не те замарав и не барав ништо од тебе (читај: ми должиш).

Прво, да те олабавам, не сакам скапи подароци! Значи компјутери, мобилни и ајподи…дај им ги на копиљаците што од 4 и пол години се разбираат од техника. Мојата скромност немој да ја интеретираш погрешно. Не сум од добрите деца. Не сум ни од лошите додуша…така…од подносливите сум (на моменти).

Јас сакам да го исчистиш градов и околината од полуписмени експерти, од покондирени ликови, супермодели, wannabe хипстери и квази интелектуалци. Во меѓувреме зачисти малку и меѓу напорните партиски послушници, потрчковци, нихилисти и песимисти. Исто, сакам да направиш државичкава да не каска зад сите други во светот во однос на мода, музика, концерти, филмови, книги, тв серии…(Ова би била помалку болната опција за нас, зашто ако ни го скратиш интернетот ќе си вообразиме дека сме трендсетери и дека сме во тек со сите случувања).

Ако си во можност Дедо Мраз (зашто нели леташ со санка што ја влечат елени, па веројатно можеш да правиш и други финти) те молам направи сите луѓе што живеат во земјава а имаат диплома или се академски граѓани да станат (бар малку) повеќе писмени и да прекинат да прават правописни грешки. Многу ќе ми значи Дедо Мраз, а верувај ќе биде подобро и за моето опсесивно-компулсивно нарушување. Знам дека е подобро да одам на лекар за ова, ама ако успееш да направиш нешто во врска со луѓето кои не знаат дали името на нивниот факултет се пишува со мала или голема буква, кои упорно „сваќаат“ а не „сфаќаат“, кои сакаат да стават акцент на „к“ во Македонија…не знаеш колку ќе ми помогнеш и мене и нив. :)

Убаво би било да се погрижиш и за самопрогласените експерти. Кај нас сите знаат се’. Не дека се жалам Дедо Мраз, се радувам кога ме опкружуваат учени и паметни луѓе, ама тие што знаат се’ на крај излегува дека не знаат ништо. И како после тоа да се потпреш на нив? Те уверуваат со теории и на крај те зае*уваат. (Извини за зборов!) Исто, за да ми докажеш дека постоиш, те молам (ова можеби и ми е најважно) отвори ни ги умовите на сите, зашто сме поситничави, поограничени и поегоцентрични од било кога.

Вака, сега кога си го читам писмово малку ми е страв дали ќе успееш да завршиш се’ за една ноќ, ама имам верба во тебе Дедо Мраз!

Ми доаѓа да ти пишам да се погрижиш и за тонот „сељачизам“, ама ај да ти оставам нешто и за другата година. Немој да ме сфаќаш погрешно Дедо Мраз, кога пишувам „да исчистиш“ тоа не е со преносно значење за отстранување од лицето на земјава. Можеш на пример да ги прибереш кај тебе во Лапонија, да ти помагаат…Ај да не ти се мешам прави што ќе правиш.

Имаш повеќе од пола година да се спремиш Дедо Мраз! Знам дека има милиони деца во целиот свет и дека треба да се погрижиш и за нивните желби, ама имај ме и мене во предвид, те молам!

(Не дека ти се заканувам ако не ми ги исполниш желбите, ама ако го немаш гледано „Збогум на 20ти век“ изгледај го!)

Те поздравувам Дедо Мраз!

Се надевам разбираш Македонски….

 

 

К.Шошко

 

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.