Сакам да одам на концерт!

shoshko3111Да, многу сакам да одам на концерт. На вистински концерт, со сцена, со бенд, со придружни вокали, со повеќе инструменти од еден сајзер, гитара евентуално тапани. И сакам да одам на добри концерти често. Не сакам да чекам фестивали на пиво и вино, ми треба вистински концерт.

Па оди де кој ти брани?

Ми бранат сите кои организираат концерти а ми ја заобиколуваат земјата по секоја цена, ми бранат сите агенции кои ми нудат пакет понуда пат + билети за сума од 200 евра за концерт во соседството, ми бранат сите Цеци, Аца Лукаси, Карлеуши, Амадеуси и останати силиконски „уметници“. Ми брани и малата публика која ќе се реши да оди на концерт чекајќи гратиси, ми бранат и љубители на срцепарателни стихови од север кои ја дефинираат земјава како турбофолкерска, а најмногу од се ми брани сопствениот буџет. Како и да свртиш не е добро.

Еднаш на неколку години ќе добиеме по некое квалитетно име кое ќе отпее неколку песни колку да не е џабе патот.

Ама скапи биле, не сакале да доаѓаат во непознати земји, не сакале да прават концерт за малку публика…Па можеби ако почесто се носеа добри музичари во земјава немаше да бидеме до толку „утепани“. Едни од поквалитетните менаџери  и организатори на концерти си го фатија патот во подобри краишта кај што  им се исплати да носат ѕвезди од светски калибар (и повремено не удостојуваат и нас со имињата што ги носат во другиве соседски земји), а овде останаа да хараат „дечишта“ кои редовно откажуваат концерти поради временски услови или редовно носат едни те исти имиња. Секоја чест на исклучоците!

Парите биле проблем – се согласувам. Кога влезници за концертите на Пинк или Сантана се продаваа за околу 1000-1500 денари, коментарите за цената беа најдолни. Истите пари некој ќе ги потроши на „свирка“ на испотен трубофолк пејач со џигерици (пола на карта а пола на пиење). Истиот тој или таа што ќе се истепа да добие гратиси за одреден концерт (за да биде виден/а), ќе ги видите во прв ред како урлаат на кафански стихови во некоја загушлива дискотека. А ти ќе штедиш пари или нема да отидеш зошто не ги знаеш вистинските фаци.

Небитно – секој со својата среќа и снаодливост.

За домашни концерти да не почнувам. Квалитетните се ректи, повремените се со сомнителен квалитет, со милион гости за да се пополни времето. Добро! Нека прават, нека има. Тие што се и беа квалитетни ги знаеме и ќе ги паметиме, а другите…

Истото е и со театарски претстави. Не сфаќам како народов се претвора во театарска публика кога гостува некоја петпарачка претстава од север наменета да собере пари, со изобилство на југоносталгија, со простачки хумор, многу пцовки и нагласени полови карактеристики. Тие претстави чинат по 300 денари и повеќе, а кога треба да се оди во Драмски или МНТ не им се даваат пари за глупости. Всушност сфаќам. Секогаш странското е подобро, а и ретко доаѓаат па ај…да се олабавиме со добра комедија а и да ги видиме омилените актери од детството.

Жал ми е што е вака…жал ми е што просечен млад Македонец не може да си дозволи да одлета до Загреб или Виена да речеме, за концерт. Жал ми е што се задоволуваме со трошки, жал ми е што така и не учат….

Заз ќе дојде во Скопје при крајот на мај…веројатно ќе ни тргне на подобро.

[Простете ми ако концертните потреби за вашиот тип на музика се задоволени, тогаш спаѓате во малиот среќен процент.

 

К. Шошко

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.