Скокотни ме да се насмеам!

shoshko3111(Или како сите станаа стенд ап комедијанти)

Кога последен пат некое македонско видео стигнало до бројка од преку сто илјади прегледи? Не се сеќавам, освен ако не било некоја мудрост од Амди, снимени телефонски провокации, потрага по Сонцето…

Еден ден сонцето ја огреа земјава, и БУМ – out of nowhere се појавија еден куп комичари. Дека сме сеирџии, мудреци, дека знаеме се’ за сите тоа е познато уште од времето на Итар Пејо (барем тоа е евидентиран доказ), ама дека сме имале толку многу ликови кои несебично ќе ни ги презентираат мааните на Интернет секоја недела…кој можеше да сонува?!
Да, добро потребен ни е хумор, зашто иако сите сме во калта, сепак народов наш е од оние кои гледаат кон ѕвездите…
Денес да си комичар воопшто не е лош бизнис, а ако ништо друго ќе те направи популарен, a штом си популарен автоматски имаш тезги и плус инспирација од пациентите кои те поздравуваат секој ден, евентуално ти коментираат под видеото.

Што е потребно за да се стане стенд ап комичар?

1. Да знаеш вицови;
2. Да имаш бар малку талент за глума (ако си актер уште подобро тогаш си чекор пред останатите wannabe комедијанти зашто веќе имаш изградено однос кон публика, знаеш да ги одиграш зборовите што ги кажуваш и си прочитал повеќе од 5 книги. За филмови и претстави се подразбира);
3. Да имаш камера (и соодветна позадина);
4. Да знаеш да го монтираш видеото (или да имаш некој што ќе знае);
5. Јутуб акаунт

There you go! Само треба да си ги склопиш точкиве и спремен си.
На почеток (ако си добар) ќе собереш публика која ќе се кине од смеење на очигледни работи, препознавајќи се во пола од глупостите кои ти ги ругаш, ама битно е што ќе ти го лајкнат клипот, ќе ти остават коментар и ќе зборуваат за тебе. Како што ќе поминува време, добар дел од нив ќе се „сабскрајбнат“ на твојот канал и во рок од пола минута откако ќе го закачиш новото видео ќе те постираат на Фејсбук. Пола работа ти е завршена.
Ама…!
Малку ќе мора да се ограничиш во однос на темите. Ако не зборуваш за очигледниот дебилизам на просечниот човек, ако немаш бар малку секс(изам) во видеата, ако барем еднаш (во завиена форма) не си искритикувал политичар, ако не плукаш по Скопје (но политички коректно секако, зошто и од таму имаш публика) – тешко дека ќе успееш. Целава фама околу комедијанитве ми делува како кафански пејачи/пејачки – „Свириме тоа што сака публиката“.

Сигурно ако некој од плејадава комичари реши да склопи видео со интелигентен хумор нема да стиге ни до 50 прегледи. И не знам дали ми е жал или смешно што и самите тие гласно кажуваат (индиректно ја навредуваат сопствената публика) дека овде нема критичка маса. Има како нема! Ако пола од тие решиле да ти ги гледаат клиповите а не походот на Османлиите на Балканот, и тоа како има критичка маса.
Да не биде погрешно сфатен текстов, и јас ги гледам комедијантиве (иако во последно време некако не се најсмешни), но многу ме интересира што ќе се случи кога „темите од секојдневието“ ќе пресушат, кога секоја плитка гуска, дебилен богаташ, полуписмен политичар, заморен сосед, „богатата“ ТВ прогама….ќе предизвикуваат само по едно „ха“?

Не е се така црно ајде….секогаш ќе го имаме дечконо што води политичка емисија каде буквално секој гостин диреткно или индиректно му има кажано дека е необично неинтелигентен. Мене тој ми е гилти плежр (како и емисијата за готвење на Алачки).

П.С Ова не е сценарио за стенд ап. Ќе барам авторски права!

 

К.Шошко

 

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.