Стил ала Резил

short1Не го пишувам текстов со намера да изигравам моден гуру или девојка искочена од прв ред пред модна писта, затоа што реално не сум, но… Искрено, за да ја оценам сликата што ја гледам секое можно искачање во нашиов ни чудесен град па и баш не ми треба таков епитет.

Баш размислував деновиве да ги заобиколам нашиве ургентни центри и да се распрашам дали е зголемен бројот на млади со изгореници од 3ти степен на “јазиците” па со тоа да си го објаснам тоталното губење на вкусот за тоа како треба да изгледа еден млад човек без разлика на пригодата. Ако тргнеме од циркузот наречен ,,Најобично муабет-кафе” преку ден, не ми се ни влага во шаторот “A што на свадба ?”.

Ајде некој ќе рече злобна сум, мрчам, за вкус не се дискутира, ама па каде е тогаш свеста ако ништо друго за тоа што изгледа пристојно а што вулгарно бре боже мили!

Прво, од кога високите штикли и црни чорапи, проследени многу нормално со соодветна долна облека станаа синоним за гардероба (единствена гардероба!!!) за искачање по нашиве т.н. дискачи? Каде по пат девојкиве си ги оставаат фустанчињата, фармерките, маичките ? Не за друго, рачунај секој викенд да можам да ги најдам, нема да имам никаква потреба од шопинг. Ама па и баш се замислив, долна облека имам во секое време… Зашто по ѓаволите си го тупам секој викенд мозокот што да облечам кога тоа и вака и така секогаш го носам…

Не, не, шала на страна, ама ужасно ме копка како девојкиве имаат дојдено до тој заклучок дека ако сакаш да бидеш секси, треба константно  да ја послужуваш јавноста со сите твои атрибути на тацна. Ќе направам анкета бе што има врска, ваљда од толку многу ќе се најде некоја да ме просветли и мене мајка му стара. Вака се осеќам демоде кога ќе искочам, знаете, не е тоа тоа… ооффф…  Ако продолжат порталиве да сликаат по дискотекиве, кај и да е ќе ги напраат +18 или поверојатно, а богами и трагично, со оглед на ситуацијата ќе ги обвинат за педофилија.

Ама како го привршувам текстов се појако и појако ми светка едно сијаличе над главчево, хааа, изглеа нема да има потреба од анкета.

Сфатив !!!

Па како сакам бре девојкиве да се облакаат понормално на искачање кога баш таа гардероба нив им е наменета за одење до маалската продавница 2 чекори од дома ?

Кај смее од дома да се искочи без штикла 12ка, приближно еден несесер шминка на себе а богами и приближно пола шишенце парфем, фустани, чуда, врагови ?

Кога цела недела си го носел тоа каде е тука задоволството да се дотераш т.е. да го облечеш истото и за викенд искачањата ?

Епа драги мои ете го на крај и заклучокот кој цело време ми мирискал под носов  – Кога немаш што да облечеш, можеш да се соблечеш !

Маја М.

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.